20/10/2018

Kвиз и тортијада во Струмица 2018

На 20 и 21 октомври во Струмица се одржаа традиционалните манифестации Републички квиз-натпревар во полна организација на „Мобилност Македонија“ и Тортијадата во организација на „Мобилност Струмица“, под покровителство на „Мобилност Македонија“. Овие манифестации повеќе години наназад се одржуваат заедно. Годинава, после одржувањето на квиз-натпреварите во сите здруженија во еден термин со прашања од „Мобилност Македонија“, квалификуваните членови со формирани екипи ги вкрстија своите знаења и умеења на главниот настан. Во одлично организираниот и технички подготвен квиз-натпревар по третпат најуспешна беше екипата на „Мобилност Кочани“, втори беа кумановци, а трети штипјани. Им честитаме на најуспешните, како и на тимот кој го подготвува квизот. За жал, екипата на „Мобилност Битола“ беше елиминирана во првиот круг и се надеваме дека догодина ќе има повеќе успех. Во Тортијадата, уште во самите почетоци, екипите ревносно ги подготвуваа своите торти. Секоја креација носеше соодветна порака и, се разбира, вкусен залак на крајот. Самата манифестација имаше традиционално добар тек, а најуспешни беа екипите на „Мобилност Тетово“, „Мобилност Кочани“ и „Мобилност Велес“. „Мобилност Битола“ имаше забележителна креација со пораката: „Изборот е наш!“, а иако не освои ниту една награда, судејќи по реакциите на нашите членови од „Мобилност Македонија“ на Фејсбук, нашата креација котира многу високо, нешто што се случува во последниве неколку години. Финалето на Тортијадата беше традиционално посетено и од премиерот Зоран Заев, кој во изминативе 15 години, и како граѓанин и како градоначалник и сега како премиер, наоѓа време да ја поддржи оваа манифестација и да изрази подготвеност за преземање на сите мерки за што поголема вклученост на лицата со инвалидност. Покрај него, присутен беше и градоначалникот на општина Струмица – Коста Јаневски, други гости и помагатели, како и бројни претставници на медиумите, кои ја пренесоа веста за оваа манифестација. Сè на сè, уште еден одличен повод за дружење и пријатни моменти кои го збогатуваат живеењето на членовите на „Мобилност Македонија“, придонесувајќи за развојот на креативните можности и зголемувајќи го капацитетот на сите здруженија.