24/06/2018

Традиционално Дефиле на Широк сокак и трибина во Битола

На 24 јуни 2018 година, со поддршка од „Мобилност Македонија“ и МНД – Битола, „Мобилност Битола“ го организираше традиционалното Дефиле на Широк сокак и трибината насловена „Лобираме заедно!“. На настанот, кој првично беше предвиден да се одржи на 17 јуни, присуствуваа стотина учесници, меѓу кои членови на повеќе здруженија од „Мобилност Македонија“, како и претставници на локалната самоуправа, на чело со градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, која ја проследи програмата од почеток до крај. Како и секогаш, збирното место беше плоштадот „Магнолија“, каде што пред да започне традиционалното дефиле по Широк сокак, беа дадени изјави за медиумите. Покрај градоначалничката Петровска, збор-два за медиумите дадоа и претседателот на „Мобилност Битола“ – прим. д-р Нико Јанков, претседателот на „Мобилност Македонија“ – Бранимир Јовановски и вонр. проф. д-р Марјан Танушевски, претседател на МНД – Битола, а на самата трибина им се придружи и доц. д-р Сашо Кочанковски, долгогодишен пријател и поддржувач на нашето здружение. Откако продефилираа низ Широк сокак, учесниците на манифестацијата се упатија кон Центарот за култура – Битола, во чија мала сала се одржа и трибината. Воведот го направи д-р Јанков, кој накусо се осврна на историјата и почетоците на лобирањето, на што се надоврза г-дин Јовановски, нагласувајќи ја и важноста за физичка активност на лицата со инвалидност, за што се залага и нашиот поддржувач „Спорт за сите“. Проф. Танушевски, пак, одлично ја долови суштината на лобирањето и начините за негова најуспешна реализација, како што се формирање сојузи, одбирање „мета“, следење и делување во вистинскиот момент, а доц. д-р Кочанковски ги образложи психолошките аспекти на лобирањето. Нашето здружение ја искористи пригодата и за потпишување меморандум за соработка со Здружението на граѓани „Ресурсен центар на родители на деца со посебни потреби“ – Скопје, во чие име присуствуваше регионалниот координатор, м-р Горица Поповска – Налевска. Ова беше одлична можност присутните да се запознаат и со оваа тематика, за која се надеваме дека успешно ќе ја примениме во пракса, што ќе нè однесе чекор поблиску до остварувањето на нашите програмски и статутарни цели. Годинашното Дефиле на Широк сокак практично ни ја заокружи првата половина од 2018 година, која беше доста исполнета со активности, а имаме намера овој тренд да продолжи во истата насока. FOTO:FACEBOOK