17/02/2019

Собрание на „Мобилност Битола“

После успешно завршениот изборен процес во Битола, Демир Хисар и во Ресен на 5, 6 и на 7 февруари 2019, како и УО на 8 февруари, беа исполнети сите предуслови за свикување на изборно собрание на „Мобилност Битола“. Сите 27 делегати во собранието се познати, материјалите се прегледани и проверени од надзорниот и управниот одбор и препорачани за усвојување. Така, на 17 февруари 2019 во просториите на ресторанот „Корзо“ со почеток од 11 часот започна редовното отчетно собрание во присуство на 25 нови и 2 стари делегати од претходниот состав. Прво, надзорниот одбор во присуство на книговодителот ги разгледа, одобри и потпиша извештаите за финансиското работење, а собранието тековно го разгледа и усвои извештајот за работа и веднаш потоа, со усвојување на финансискиот извештај, беше усвоена и завршната сметка која, како и секогаш, беше многу позитивна. Се потврдија сите добри практики во работењето на раководната гарнитура. Потоа работното претседателство од тројцата најстари членови ја предложи верификационата комисија, како и кандидационата комисија. Истата после кратко договарање го предложи старо-новиот претседател, кој беше повторно избран со акламација на оваа функција. Со изборот на претседателот се заврши првиот дел од Собранието и беше пристапено кон избор на управен одбор од седум членови, кој се одбира на предлог на претседателот и тоа беше направено со една измена од стариот состав. После изборот на УО, се пристапи кон предлагање и избор на членови на надзорниот одбор и тука беа избрани два члена од стариот состав и еден нов. Потоа, беше изгласана и дисциплинската комисија во поренешниот состав, и со тоа практично се заокружи изборот на сите тела кои ги именува Собранието. Следно на дневен ред беше разгледување и предлагање на делегати во Собранието на „Мобилност Македонија“. Со дискусија и демократско гласање се избраа 4 делегати, од кои тројца се од поранешниот состав, а еден нов. Откако се заокружи и изборот на делегатите во „Мобилност Македонија“, се пристапи кон следната точка на дневниот ред – разгледување и усвојување на програмата и финансискиот план за тековната 2019 година. Програмата беше усвоена со мали додавки, со напомена дека таа била и ќе биде отворена секогаш за нови идеи и предизвици. Со тоа Собранието ја заврши својата работа во свечена и продуктивна атмосфера, со подготвеност за остварување на статутарните програмски цели на „Мобилност Битола“ и „Мобилност Македонија“.