02/04/2019

„Мобилност Битола“ на панел-дискусија на ЦПЛИП „Порака“

На 2 април 2019 година, во малата сала на Центарот за култура во Битола беше организирана и изведена панел-дискусија во организација на ЦПЛИП „Порака“ од Битола и РЦПЛИП „Порака“ како дел од проектот подржан од НСИОМ, МИМ и МДИ и Европската Унија. Заради оправдани причини, не присуствуваа генералниот секретар д-р Василка Димоска и програмскиот менаџер м-р Владо Крстовски. Во присуство на повеќе волонтери, активисти и гости, настанот го отвори и водеше проф. Билјана Граматковска од Педагошкиот факултет во Битола, а присутните ги поздрави и даде вовед претседателката Јулијана Трајчевска. Основното мото беше „Можеме и сакаме да пееме“, во рамките на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“. Ова е една поголема активност на Центарот за лица со интелектуална попреченост. Меѓу другите излагачи беа и м-р Марија Младеновска-Димитровска од ДСУ „Таки Даскало“ и проф. д-р Марија Ристевска – Петровска од Педагошкиот факултет, која е и автор на учебникот за инклузивна настава по педагогија, како и повеќе студенти од Педагошкиот факултет и ученици од ОУ „Тодор Ангелевски“ од Битола. Настанот беше проследен и од печатени и електронски медиуми, па се надеваме дека ќе заземе место во настаните што ќе придонесат за подобрување на општата перцепција на околината и средината кон лицата со инвалидност во сите сфери на живеењето. Исто така, се надеваме дека институциите на системот на државно и на локално ниво ќе успеат постепено да ги воведат сите позитивни законски прописи кои соодветно ќе се практикуваат без исклучок.