18/09/2022

„Мобилност Битола“ на национална обука за образование за човекови права со млади

Од 14 до 18 септември 2022 година, во хотел „Капри“ во Битола се одржа национална обука за образование за човекови права со млади, во организација на Центарот за човекови права „АМОС“, а со поддршка од Советот на Европа. Обуката следеше по официјалната промоција на македонското издание на „Компас“, прирачник за образование за човекови права за млади, кој благодарение на тимот на АМОС отсега е достапен на македонски јазик и на официјалната веб-страница на Советот на Европа. На обуките учествуваа дваесетина кандидати од целата земја, а како претставничка на „Мобилност Битола“ учествуваше Ивона Јанкова, вонредна членка на нашето здружение и менаџерка на проектот „Алтер трип“. Покрај едукаторите од тимот на АМОС, за правните аспекти говореше и професорката од Правниот факултет од Битола, проф. д-р Елена Темелковска Аневска, која детално ги образложи правните процедури од локално до меѓународно ниво – до Судот за човекови права во Стазбург. Особено внимание овде се обрна на државите кои ја потпишале и ратификувале Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност (попреченост), но не ја спроведуваат, односно не ја исполнуваат својата обврска и продолжуваат да ги дискриминираат своите граѓани. Разочарувачки е фактот што единствената казна во ваквите случаи е само парична и нема никаков друг механизам или санкција која би ја натерала државата да преземе акција за надминување на (во случајов) физичките бариери со кои се соочуваат најголемиот дел од нашите членови. Имено, професорката објасни дека самостојно лице или невладина организација во име на одредено лице може да ја тужи државата за прекршување на правата, но дури и да добие на сите инстанци, резултатот би бил само парична казна исплатена од државата кон тужителот, притоа фактичката состојба и понатаму ќе остане иста. Сепак, светлата страна од овие обуки е заклучокот дека ако што е можно порано се започне со образование за човекови права, младите луѓе од најрана возраст ќе се запознаат со своите, но и со правата на сите свои сограѓани и ќе бидат свесни за дискриминацијата врз каква и да е основа. Така, во рамките на обуката, учесниците имаа задача да напишат проекти чија целна група ќе бидат младите, и кои ќе придонесат за подобро запознавање со човековите права, правејќи од нив нови сојузници во нашата борба за остварување на програмските и статутарни цели. Проектот од нашата претставничка - едукативни работилници во основните училишта од трите општини кои ги опфаќа нашето здружение, со учество и на нашите членови – наиде на позитивни критики од тимот на обучувачи, со интерес за поддршка и соработка при реализацијата. Останува идејата да се разработи и со надеж дека ќе добиеме поддршка од локалните и националните надлежни институции, се надеваме дека оваа наша активност ќе успееме да ја реализираме и дека ќе вроди со плод. Единствената забелешка за целокупната организација беше недоволната пристапност на објектот, што беше нагласено во повеќе наврати. Освен пристапната рампа на влезот на објектот, поголемиот дел е непристапен, ВЦ-ата се тесни и непристапни, а самиот хотел на 3 ката има само еден куп скалила и ниту еден лифт. Сето тоа им беше посочено и на организаторите, но и на сопствениците и вработените, да го имаат на ум во иднина при организација на други вакви настани кои и тоа како се од интерес на нашите членови. Активностите продолжуваат.