11/03/2024

Потпишан меморандум за соработка меѓу „Мобилност Битола“ и НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола

Следејќи ги своите програмски и статутарни цели, „Мобилност Битола“ постојано се стреми да ја подобрува и зајакнува соработката со националните институции, а најнова во низата е Националната Установа - Универзитетска Библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. Основана во далечната 1945 година како Градска народна библиотека, оваа интитуција е дел од јадрото на културниот живот на битолчани, а во изминатите две децении и еден од најпристапните културни и образовни објекти во градот. Токму затоа, на 11 март 2024 година, на иницијатива на нашата членка Билјана Тодоровска, претседателот на „Мобилност Битола“ прим. д-р Нико Јанков и директорот на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола м-р Бојан Стефановски потпишаа Меморандум за соработка, што ќе придонесе за взаемно збогатување на содржините и активностите. Со овој Меморандум двете страни потписници ќе се стремат кон остварување на повеќе цели, како што се: взаемна размена на информации, знаења и искуства од областа на образованието и културата; учество, соработка и реализација на заеднички проекти, одбележување на значајни настани преку организирање на работилници, предавања, трибини, промоции и сл.; формирање на клуб за книги или група за дискусија која се фокусира на литература поврзана со попреченост, вклучување и зајакнување; разговори и презентации на автори; покана на авторите кои пишувале за попреченост или имаат лични искуства да ги споделат своите приказни и сознанија; работилници за уметност и занаетчиство, промовирајќи ја креативноста и самоизразувањето; часови со приказни за деца кои се фокусираат на теми за инклузивност, различност и прифаќање; сесии за раскажување приказни – каде што лицата со физичка попреченост можат да ги споделат своите приказни и искуства, и други активности. Она што е најважно за членовите на „Мобилност Битола“ е дека со овој Меморандум се ослободуваат од плаќање на годишна членарина, односно можат бесплатно да ги користат услугите на бибилиотеката и може да се зачленат само со прикажување на членската книшка на здружението и лична карта. Се надеваме дека оваа иницијатива е само почеток на една нова приказна и дека заеднички ќе испишуваме стотици страници со позитивни примери за сите нас. Активностите продолжуваат.