25/06/2011
И оваа година МОБИЛНОСТ Битола го одржа традиционалното дефиле по Широк Сокак. Повторно ја активираме, односно продолжуваме со кампањата за ратификација и имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидитет. Ова е веќе четврти пат да дефилираме за истата работа. Веќе 4 години ја анимираме јавноста и власта за неопходноста од ратификација на Конвенцијата. Вербалната и друга поддршка од локалната самоуправа преку Градоначалникот, г-дин Владимир Талески е присутна. Посебно тој е присутен на сите наши настани. И оваа година, покрај збиената агенда, најде време да ни се придружи и манифестира солидарност и лобирање. Лобирање покажаа и Македонското научно друштво од Битола и Лајонс клубот – Хераклеа. Покрај Градоначалникот, традиционално спонзор е Medicus Help, а оваа година и ОМР Орто – Битола. Добродојдовте сите кои ги делите нашите размислувања и стремежи.
Вториот дел од активностите беше во Малата сала на Центарот за култура. Со мал вовед од Претседателот на кој му претходеше вовед со прекрасната музика на Моцарт во изведба на Проф. Д-р Мери Кавкалеска – Стоилкова и медијаторите Д-р Екатерина Јосифовска, М-р Сашо Кочанковски и Томче Најдовски. Беше впечатливо доживување за посетителите и гостите од повеќе здруженија од Македонија, вклучувајќи го и претседателот на МОБИЛНОСТ Македонија, Бранимир Јовановски и генералниот секретар, Софче Прчева. Импресиите завршија со уште една изведба на клавир по што се доделија признанија, благодарници и плакети на заслужните од КУД „Феникс“.
После ова, сите задно се упативме во просториите на ресторанот „Корзо“ за завршување на оваа впечатлива и возбудлива средба која ќе остане во сеќавање.