15/11/2012
Овие зборови беа мотото на шестата Меѓународна Конференција за статусот и правата на лицата со инвалидност во организација на Коалицијата за стратегија за изедначување на можностите и правата за лица со инвалидност на Унско-Санскиот кантон. Истата е поддржана од Владата на БиХ, Министерството за труд и социјална политика и Европската Унија. На истата, покрај многубројни кантонални здруженија – кантонални и федерални, зедоа учество и делегации од Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Македонија, како и од Германија, одосно германскиот Црвен Крст.
Самата манифестација во салата на хотелот „Златна Долина“, а делегациите беа сместени во самиот хотел и во уште еден хотел во близина „Санос“ во Сански Мост. Активностите траеја 2 дена (14-15.11.2012), во три серии со кафе паузи, ручек и вечера во присуство на околу 240 лица. Конференцијата ја поздрави и ја водеше г-дин Енес Алибеговиќ. Воведен збор имаше Претседателот на Координативниот Одбор г-дин Јусмир Алибабиќ.
Во текот на првиот ден беа презентирани седум теми, а по секоја од нив следуваше дискусија и соодветни заклучоци. Првата тема беше Меѓународната Конвенција – Ратификација, примена и мониторинг, а ја презентираше политикологот г-дин Сувад Захировиќ. Следуваше втората тема – Сервиси на поддршка на лицата со инвалидност, која беше презентирана од страна на г-ѓа Марина Вујачиќ од Црна Гора (Здружение на лица со хендикеп, Црна Гора). Третото излагање го имаше претставник од германскиот Црвен Крст, г-дин Вернер Борхерт, на тема – Колку законите влијаат на интеграцијата на лицата со инвалидност. Четврт се претстави дефектологот и стручен советник во Педагошкиот Завод „Дистрикт Брчко“, г-дин Фехим Халиловиќ на тема – Пракса на инклузивно образование на деца со инвалидност во БиХ. Петтата тема беше Учество на младите со хендикеп во разни општествени сегменти, а ја претстави г-дин Милан Јанковиќ, претседател на Здружението на студенти со хендикеп од Република Србија. Шестото излагање беше на тема – Акционен план на УСК во рамките на Стратегијата за изедначување на правата и можностите на лицата со инвалидност со поддршка на Федералното Министерство за социјална работа и политика, а беше презентирано од страна на г-дин Харис Хавериќ и претставници на споменатата Коалиција. И последната седма тема за овој ден беше Улогата и значењето на цивилното општество во интеграцијата на лицата со инвалидност, презентирана од страна на претседателот на хрватското здружение за лица со инвалидност „Бубамара“, г-дин Томислав Велиќ.
Вториот ден продолжи со презентација на уште седум теми, од кои првата беше Вработување на лицата со инвалидност и професионална рехабилитација, презентирана од извршниот директор на здружението „Лотосици“ од Тузла, г-ѓа Ениса Братановиќ. Потоа, втората тема беа искуствата на здружението „Lebenshilfe“ презентирани од г-ѓа Дијана Дуриќ. Искуството за примената на Законот и Фондот за професионална рехабилитација и вработување во Република Српска беше третата тема овој ден, а за истата говореше претставникот од Фондот на Република Српска, г-дин Зоран Тепиќ. Четвртата тема гласеше Рехабилитација на параплегичари и тетраплегичари како пример на добра пракса, презентирано од администратор г-ѓа Барбара Слачек, Република Словенија. Петта по ред беше презентирана темата Искуства од фазите при донесувањето на националната стратегија за подобрување на правата и изедначување на можностите на лицата со инвалидност во Македонија, а за истата говореше г-дин Бранимир Јовановски, претседател на МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА и Националното Координативно Тело. Претпоследната тема на оваа конференција беше Областа на образование на сите нивоа во Р. Србија, претставена од г-дин Милош Јанковиќ. И последното излагање беше на тема Стелаштвото за слепи како параолимписки спорт, а за истата говореа претседателот на стелачкиот клуб „Златна стрела“ од Парачин, г-дин Мирољуб Вукиќ и г-дин Даниел Милетиќ.
Презентерите на сите теми беа добро подготвени и детално ги пренесоа информациите кои беа предмет на презентациите. Дискусиите беа богати и на моменти исполнети со емоции. Самата бројност, формирањето на заклучоци кои беа поткрепени со анкетни ливчиња укажува дека организаторот темелно се подготвил за оваа одговорна работа. Моите импресии се дека самата конференција во целост ги оправда очекувањата на организаторот. Се остварија запознавања, размени на искуства и градење на солидни односи за идна соработка. Добивањето на драгоцени информации за начините на делување и остварување на целите – конкретни и идни, во духот на сеопшто подигање на капацитетот на инвалидските организации. Самото сознание на делегацијата на МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА дека сме на вистинскиот пат кон разумно етапно етаблирање во правниот систем и практична примена со мониторинг на Конвенцијата, отвора перспективи. Макотрпноста на идната напорна работа во оваа сфера не нè плаши. Се надеваме дека вакви плодотворни конференции ќе има и понатаму. Нашите активности следат.
Претседател на МОБИЛНОСТ БИТОЛА
прим. д-р Нико Јанков