04/06/2013
Национални консултации со претставници на граѓанското општество во врска со Насоките на Европската Комисија за поддршка на граѓанското општество во потенцијалните земји за проширување, 2014-2020 година
На 4-ти јуни 2013 година, во хотел „Кристал Палас“ во Прилеп, делегацијата од Мобилност Битола составена од Фанче Ѓеоргиевска и Сотир Јоновски (членови на УО) и Митко Фидановски (секретар на Мобилност Битола), активно учествуваше на овој настан, кој беше организиран и поддржан од страна на TACSO (Техничка поддршка за граѓанските организации) во соработка и финансиска помош од Европската Унија. Основната цел на овие консултации е да се овозможи дијалог меѓу претставниците на граѓанското општество за нацрт рамката за мониторинг и оцена на целите, за нас особено важна е имплементацијата на Конвенцијата на ОН, со посебен осврт на локално ниво, а како насока беа искористени искуствата од Велес.
Самата работилница беше организирана во две сесии и работа во групи:
Нашите претставници беа во групата 2. Тука треба да се спомне дека основна цел е граѓанското општество и јавните институции да работат во партнерство за заеднички интереси преку дијалог и соработка, а како резултат јавните институции да ја признаат важноста на граѓанското општество во подобрувањето на доброто владеење преку вклучувањето на граѓанското општество во процесот на донесување одлуки. Јавните институции се правно обврзани да го вклучуваат граѓанското општество во процесот на планирање, програмирање и изготвување на јавни политички стратегии и оперативни програми.
Во прилог беа дадени коментари, предлози за индикатори и репери – процент на закони, реформи, политики и оперативни програми, потоа креирање на унифицирани критериуми за релевантноста на граѓанското општество врз база на кои ќе се вклучуваат организациите, како и бројот на јавни овластувања издадени од јавните институции на граѓанското општество со цел имплементација на активности од локален интерес (бројот на реализирани заеднички проекти наведени во извештај од општината и годишниот извештај за соработка). Потоа воспоставен систем за информирање, комуникација, десиминација и размена на информации и функционалноста на Советот за соработка со граѓанското општество.
Како извори за верификација со задолжително консултирање се наведени националниот регистар и/или информации од националната власт и анкети со граѓанското општество. Со овие заклучоци треба да се поддржат и негуваат насоките за поддршка на ЕУ за граѓанското општество во проширувањето од 2015-2020 година, кога ќе биде направена крајната евалуација на финансирањето и мониторингот на ЕУ.