29/06/2013

Традиционално Дефиле на Широк сокак

На 29-ти јуни 2013 година беше организирано и изведено традиционалното Дефиле на Широк сокак, на кое беа поканети повеќе здруженија од Мобилност Македонија, сојузите на слепи и глуви лица, како и други невладини асоцијации. Локалната самоуправа традиционално ја поддржува оваа манифестација, а градоначалникот м-р Владимир Талески и претседателот на советот, проф. д-р Силвана Ангелевска редовно присуствуваат на нашите активности. Мобилност Битола и оваа година продолжува со лобирање за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност на ОН во делот за локалната самоуправа.
Врз основа на член 19, државата која ја ратификува Конвенцијата и опцискиот протокол, признава дека лицата со инвалидност имаат можност да одберат место на живеење под еднакви услови со другите, без обврска за посебни аранжмани. Истите мора да имаат пристап до службите за поддршка во своите домови, установите со вклученост и спречување на изолација. Услугите да бидат достапни и да стојат на располагање. Исто така, согласно законот, локалната заедница се согласува за избор на начин на живеење, без принуда на живот во институциите, ако тоа не им се допаѓа, избор каде ќе живеат со вклучена лична помош, персонална асистенција и спречување од изолација. Да ги користат услугите на локалната заедница кои се на располагање на јавноста и прилагодени на нивните потреби.
Во присуство на медиумите, манифестацијата ја отвори претседателот на Мобилност Битола, прим. д-р Нико Јанков, кој нагласи дека целта на оваа манифестација е јакнење на капацитетите на инвалидските организации, охрабрување и поттикнување на институциите на локалната самоуправа за имплементација на правата содржани во член 19, градење на партнерски односи при изработка на планови и други акти кои ги засегнуваат лицата со инвалидност и многу други работи од заеднички интерес.
Потоа, свое излагање имаше и претседателот на Советот на општина Битола, проф. д-р Силвана Ангелевска, која ја потврди долгогодишната соработка до Мобилност Битола и спроведувањето на дело на правата од член 19 и други кои ги засегаат лицата со инвалидност. Следното излагање го имаше претседателот на Мобилност Македонија и Националното Координативно Тело за еднакви можности на лицата со инвалидност при Владата на Република Македонија – г-дин Бранимир Јовановски, кој истакна дека заложбите на Мобилност Македонија и НКТ на сите начини ќе лобираат пред институциите на системот и дека ова е добар почеток за да се постигне тоа. Потоа, стотина членови и граѓани учествуваа на Дефилето од плоштадот „Магнолија“ до хотел „Епинал“.
Вториот дел од манифестацијата се одржа во ресторанот „Бе-Ни Фонтана“ во Бистрица. Нашиот поддржувач и спонзор „Медикус Хелп“ одржа интересно предавање за новитетите, кои беа успешно претставени од нашата позната Ирина Георгиевска. Пред излагањето се одржа дискусија околу целта на овие манифестации, а г-динот Бранимир Јовановски даде посебен осврт за ортопедските помагала, насоки, мислења, заложби и барања во интерес на подобрување на ортопедските помагала од сите аспекти. За гостите и активистите беше организиран ручек, а потоа се поздравивме до наредната средба.

Се надеваме дека овој настан привлече внимание, а ефектите ќе ги почувствуваме подоцна. Ние продолжуваме со исто темпо, надевајќи се на што поуспешна комуникација и претставување во процесот на имплементација на правата на лицата со инвалидност, содржани во Конвенцијата на ОН.