25/08/2013
На 25-ти август 2013 година, триесетина членови на Мобилност Битола заминаа на еднодневен излет во Смилево. Овој настан кој беше дел од програмата на активности, започна со историски час поделен во две етапи. Предавањето го одржа познатиот историчар и учебникар м-р проф. Јован Кочанковски, кој со својата долгогодишна педагошка пракса и знаење особено од овој крај (бидејќи е роден Смилевец), долови дел од историјата на Смилево од XV век до Илинден и пост-илинденскиот период до создавањето на македонската држава.
Првиот дел беше одржан пред споменикот на Даме Груев, а вториот во музејот на Смилево. Гледајќи ја поставката, го доловивме Смилевскиот Конгрес и низата настани врзани за востанието. Во другите делови од музејот го видовме и продолжувањето на револуционерната борба на македонскиот народ со новите дејци кои ги носеа имињата на Даме, Гоце, Пере, Ѓорче, Питу, Карев и други, како и славните единици на новите борци кои го овозможија раѓањето на македонската држава. Се запишавме и во книгата на импресии. Потоа следуваше заеднички ручек проследен со музика, па така го завршивме овој импресивен настан кој ќе ни остане во сеќавање. Благодарност до професорот Јован Кочанковски, кој со својата беседа нè пренесе во времето на двата Илиндена. Си отидовме дома со уште едно прекрасно искуство.