11/01/2014

Мобилност Битола ја одбележа православната Нова Година – Василица

Членовите на Мобилност Битола традиционално го одбележаа празникот Василица, односно православната Нова Година. Настанот кој вообичаено се закажува неколку дена порано, годинава се одржа на 11-ти јануари во ресторанот „Бе-Ни Фонтана – Котле“. Околу 30 членови во сопствена режија остварија пријатни моменти на дружење и релаксација. На домаќините кои како и секогаш ги понудија своите услуги и цени на ниво, им ги честитаме новогодишните и божиќните празници и се надеваме дека и понатаму ќе продолжат со овој терк. Забавата помина во пријатна атмосфера со тивка музика, а задоволните гости имаа можност за дружење и разговори. Договарање и размислување за нови активности.
                Минатогодишните добитници Олгица и Бојче му ја „предадоа штафетата“ на старо-новиот добитник Грего Штифтер, со што брачниот пар Грего и Зоре ќе бидат домаќини следната година. Се размислува за преоден пехар кој ќе оди во трајно владение после третиот пат. Пријатната атмосфера нè следеше до доцните часови кога дел од гостите продолжија на друго место, а останатите задоволни и релаксирани се вратија во своите домови.
                Овие традиции се еден од столбовите на дружењето и остварувањето на програмските и статутарните цели на Мобилност Битола и Сојузот, се јакнат меѓусебните односи, се потенцира размена на мислења и идеи за подигање на капицитетот и слично. Да ни е среќна и бериќетна Новата 2014 година и во неа да ги оствариме во најголем дел нашите планови и идеи. Мобилност Битола уште еднаш им ја честита Новата 2014 година на сите членови и нивните семејства со надеж за здравје, среќа и успеси!