13/11/2014
На 13.11.2014 година, во рамките на активностите на членовите на „Мобилност Битола“, канцеларија Ресен, беше успешно остварена средба со градоначалникот на Ресен, м-р Ѓоко Стрезовски и неговите соработници. На средбата стана збор за повеќе аспекти на соработката со локалната самоуправа, со која впрочем имаме одлични односи и разбирање. Во оваа пригода, пред повеќе од дваесетина членови на здружението предводени од раководителот на канцеларијата Нада Тановска, Сотир Чаушевски, Роберт Ламановски, д-р Сања Андоновска и Николчо Ристевски како иницијатори и во присуство на претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков, секретарот Митко Фидановски и членот на УО, Фанче Ѓеоргиевска, се расправаше за неколку аспекти од наредните активности на „Мобилност Битола“ во Ресен.
Како прво, градоначалникот Стрезовски беше исцрпно запознат со продолжението на проектот „И ние сме дел од вас“, во чии рамки, и во Битола и во Ресен, целна група ќе бидат наставниците од основните и средните училишта. Со ова ќе се постигне почетна едукација на наставниот кадар во препознавањето на лицата со инвалидност и нивниот поглед за позитивно менување на свеста на средината за оваа категорија на лица.
Втората информација се однесуваше на простор во непосредна близина на канцеларијата, кој, ако би се добил, би се користел како центар за активности од различна природа (спортски, рекреативни, занимална и други поголеми активности). Третата информација е со постапното решавање на архитектонските бариери во доменот на локалната самоуправа, обележување на паркинзи, приспособување на тротоари, правење рампи, а тн. четврта информација е за дислокација на сатот за струја во другиот дел и решавање на проблемот со струјата. Како петта и значајна информација е решавањето на добивање на кабловска и интернет конекција, по можност по најповолни услови или гратис. Шесто, решавање на пристапот пред надворешната врата со рампа како пред салата.
Особен интерес предизвика информацијата за донации. Имено, постои реална можност за добивање на адаптирано комбе од донатори од Австралија, а би било добро доколку општината се јави како примач и давател на услуги. Оваа информација беше добро разработена и елаборирана со сите аспекти на позитивни и дискутабилни ситуации кои следат.
Ислушувајќи ги сите наши дискусии и барања, градоначалникот изрази подготвеност за соработка и решавање на проблемите со сите ресурси кои му стојат на располагање, како и личен ангажман во Советот на општината кога ќе се решаваат овие барања. Се разделивме во добра и срдечна атмосфера, со отворена можност да се разгледуваат сите проблеми и решаваат со сите можни средства.