29/04/2014

Едукативна работилница во Ресен

  На 29 април 2014 година во Ресен беше успешно реализирана едукативна работилница на тема „И ние сме дел од вас“. После двомесечни подготовки и организациони детали, работната група составена од неформална група граѓани која даде иницијатива и обезбеди поддршка од локалната самоуправа, првенствено од граноначалникот на Општина Ресен – м-р Ѓоко Стрезовски, ги обезбеди сите предуслови, подготви плакати и летоци со покани и програма. По консултациите со стручниот и експертски тим за проекти на „Мобилност Битола“, се пристапи кон финализација на оваа навистина значајна манифестација. На самиот настан прво беше организирана изложба на слики и ракотворби од лица со инвалидност која се одржа во Домот на културата „Драги Тозија“ со почеток од 11 часот. Изложбата се промовираше во пријатна атмосфера, а меѓу присутните имаше голем број на лица со инвалидност и други деца. Материјата на сликите опфати делови од живеењето на лицата со инвалидност и соживотот во средината со своите врсници. Директорот на домот за култура, Васко Василевски искажа висок степен на солидарност и секаков вид на соработка без временско ограничување. Оваа негова заложба е за поздрав и го искажува неговиот највисок степен на хуманизам и разбирање. Во присуство на повеќе од стотина лица со инвалидност, нивни родители и наставници, иницијаторите и претставници на „Мобилност Битола“, господинот Василевски ја отвори изложбата искажувајќи најпозитивни мислења за изложените експонати.

Потоа комплетниот состав се пресели во спортската сала каде што веќе имаше весела атмосфера. Салата постепено се наполна со околу шестотини присутни од кои најмногу беше застапена младата генерација од 14 до 18 години, односно младите во периодот на формирање на личноста. Настанот започна со поздравен говор на градоначалникот и покровител на манифестацијата, м-р Ѓоко Стрезовски, кој во своето обраќање искажа заложба на максимална соработка со организациите на лицата со инвалидност и сите невладини организации кои работат на подигање на капацитетите, нивно етаблирање и максимално користење на ресурсите на локалната самоуправа. Тој исто така се заложи за консултација при рушењето на архитектонските бариери, но и за сите други прашања поврзани со инклузијата на лицата со инвалидност, примена на одредбите на Конвенцијата на ОН и вработување на лицата со инвалидност во локалната самоуправа. Со тоа настанот беше прогласен за отворен.

Како вовед во темата, прим. д-р Нико Јанков направи пресек на актуелната состојба и пожелните правци на делување на сите фактори во процесот на менување на погледите на младата генерација во однос на лицата со инвалидност. Потоа, д-р Сања Андоновска накусо го образложи медицинскиот аспект на инвалидноста, како и начините за делување. М-р Николчо Ристевски зборуваше за проблемите и клучот за нивно решавање, а проф. д-р Игор Неделковски имаше ефектно излагање за информатичката технологија за лицата со инвалидност прикажувајќи бројни фотографии и помагала за нив. Доц. д-р Сашо Кочанковски нè запозна со психолошките аспекти, а Митко Фидановски со дискриминацијата низ правото. На самиот крај, Бранимир Јовановски го заокружи настанот со своето излагање за познати личности со инвалидност (спортисти, политичари, научници, уметници и сл.). Помеѓу излагањата беа прикажани и неколку видео клипови со теми од животот на лица со инвалидност во светот. Тука пристуните ги запознаа и првите параолимпијци носители на златните олимписки медали во Барселона во 1992 година (Бранимир Јовановски) и Лондон во 2012 година (Оливера Наковска - Бикова), а нејзиниот златен медал имаа можност да го видат и одблизу. Огромно задоволство е што овие личности го слават името на својата земја и пред фактите сите ќе се поклонат.

Сите излагања оставија силен впечаток кај публиката, особено аудиовизуелните ефекти. Со еден збор, ова беше навистина многу успешна работилница која трасира идни активности кои ќе се случуваат со помали групи на целната популација. Во текот на целиот настан „актерите“ ги најавуваше конферансјето Сотир Чаушевски. Манифестацијата во целост ги исполни очекувањата и работната група уште еднаш се состана за да ги договори следните активности.

Од самиот почеток па сè до крајот манифестацијата беше проследена и од пишаните и електронски медиуми, како и од Македонската радио телевизија на национално ниво и телевизија „Тера“ на регионално ниво. Се надеваме дека позитивните ефекти од оваа работилница ќе бидат на високо ниво и дека ќе поттикнат размислување за генерализација на целата територија на Република Македонија.

Следат нови активности, а до тогаш следете нè на нашата фан страница на Фејсбук, нашата веб страна, како и горенаведените телевизии.