27/08/2014

„Мобилност Македонија“ на 9-тиот музички фестивал во Поморје, Р. Бугарија

  Од 27-31 август 2014 година, претставници на „Мобилност Македонија“ учествуваа на 9-тиот музички фестивал на лица со телесна инвалидност во Поморје, Р. Бугарија, а екипата на нашиот сојуз беше составена од претседателите на „Мобилност Скопје“, Дејан Ѓоргиевски и „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков, како и тајфата на Ники (Николчо и Севдет од Кавадарци и Сотир од Битола, инаку членови на КУД „Феникс“). Ова е втора возвратна посета на нашите членови, откако претставници од Бугарија учествуваа на нашите музички средби во Струмица. Главен организатор на сите досегашни фестивали е фондацијата „Сила за живот“ со седиште во Велико Трново. Претседател е Јордан Стефанов, главен водител и организатор е Зорница Стефанова, а уметнички директор на фестивалот е познатиот музичар Александар Михаилов – Сашо.

Покрај вообичаеното покровителство на градоначалникот на Поморје и читалиштето 1888 Просвета, оваа година фестивалот е и под патронат на народниот правобранител (омбудсман) на Р. Бугарија. Благодарение на сопственикот Љубомир Балабанов, скоро сите учесници беа сместени во „Почивалиште“ и хотел „Далас“, каде што се одржаа и сите прес-конференции и проби за претстојните настапи кои се одржуваа на платото пред читалиштето во центарот на градот со одлично озвучување и техничка координација на водителот, изведувачите и техниката.

Годинава фестивалот беше поделен на два дела и тоа фолклорна вечер и поп вечер. Првата вечер продефилираа повеќе учесници солисти, дуети, триа, инструментални состави и играорни групи. Сите покажаа голема професионалност, и покрај тоа што станува збор за аматери со огромен талент. Со добрата кореографија можат да се пофалат сите раководителите, особено на танцовите групи составени од лица со инвалидност. Возраста на изведувачите се движеше од 10-70 години, од новооткриени таленти (Кристијана) до признати уметници со меѓународно реноме (Орхан Мурад). Во поголемиот дел од фолклорната вечер изведувачите беа придружувани од тајфата на Ники, а Соте и Николчо се претставија и како вокални интерпретатори.

Општиот впечаток кај домаќините е многу добар, така што има перспектива и за идни соработки и размена на искуства во сите области. Во слободното време и после настапите следуваше дружење со песни кое траеше до доцните часови. Сè на сè, одлично искуство кое се надеваме ќе се повтори во иднина.