13/09/2014
Како и во претходните, така и оваа година, „Мобилност Битола“ организираше излет во непосредната околина, па на 13 септември 2014 година членовите на нашето здружение посетија неколку локации во околината на Демир Хисар, односно библиотеката на Стеван Степановски во с. Бабино и спомен обележјето на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски во с. Слоештица.
На ведро и сончево време, во раните утрински часови ни се придружија и членовите од Ресен со што го комплетиравме караванот од осум автомобили и се упативме кон Бабино. Патувајќи низ прекрасната природа, во Бабино стигнавме околу 10 часот, а таму не пречека лично Стеван и со традиционален пречек ни ја покажа куќата, амфитеатарот и дворот кои се во македонски амбиентален стил. Се запознавме со овој културен споменик и пред доаѓањето на неколку автобуси со посетители од други градови, се упативме кон Слоештица, а на гробот на Петре М. Андреевски збор имаше нашиот член и литерат Кире Огненовски. Откако запаливме свеќи во црквата Св. Атанасиј, се упативме и кон манастирот Св. Јован Претеча во Слепче. Тука, во лулката на словенската писменост и познатата слепченска школа која практично беше универзитет на писменоста од 10 век, го почувствувавме здивот на историјата и минатите векови. Ги овековечивме овие мигови со заедничка фотографија и потоа се упативме на заеднички ручек во сопствена режија.
„Мобилност Битола“ ќе продолжи со оваа пракса на исполнети и содржински дружења кои ќе остават долготраен белег и дополнително ќе будат интерес за вакви настани.