04/12/2016
На 4 декември 2016 година, „Мобилност Македонија“ го одбележа својот јубилеј - 30 години работа, а прославата во организација на „Мобилност Битола“ се одржа во ресторанот „Две лири“ во Ресен. Во присуство на околу 150 членови од нашето и од здруженијата од другите градови од Македонија, како и гостите од Израел, воведниот збор го имаше претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков, а потоа се обрати и градоначалникот на општина Ресен, д-р Ѓоко Стрезовски, кој истакна дека и понатаму ќе продолжи да ги поддржува сите иницијативи и активности на „Мобилност Македонија“, меѓу кои и тековниот, мошне успешен проект за општо корисна работа што придонесува за поголемо интегрирање на лицата со инвалидност во сите сфери на општественото живеење.
Главниот збор го имаше претседателот на „Мобилност Македонија“, г-н Бранимир Јовановски, кој се осврна на досегашните достигнувања и успеси во изминативе 30 години, како и на идните планови за постигнување на еднакви права за сите наши сограѓани, особено во поглед на достапноста на ортопедските помагала. Во рамките на прославата се одржаа и годинешните литературни средби, а им беа доделени и награди на најдобрите поети и поетеси.
Вториот дел од манифестацијата беше изведбата на театарската претстава насловена „За рамнотежа во светот“, во режија на нашиот истакнат член Сотир Чаушевски, а по текст на нашата поетеса и писателка Биљана Тодоровска. Ученици од основните училишта во Ресен заедно со нивните другарчиња со посебни потреби ја раскажаа приказната за трите другарчиња Маријан, Марија и Маја, потсетувајќи нè дека и покрај тоа што сме различни, сепак сме исти и дека „тука сме за рамнотежа во светот!“
Особено воодушевени од сплотеноста беа и гостите од Израел, г-н Амир Гоичман, проект менаџер на Центарот за соработка и развој во рамките на израелската агенција за меѓународна соработка и развој „Машав“, и неговата сопруга Нили Гоичман, со кои започнавме одлична соработка и кои ќе ни ги пренесат своите искуства, успешна технологија и методологија од сите аспекти на животот на лицата со каква било попреченост како интегрален дел од заедницата.
Прославата не би била прослава без песни и ора, па после претставата гостите уживаа во одлична музика и пријатни разговори што траеја до доцна попладне. Сè на сè, пригодна прослава за овој голем јубилеј на „Мобилност Македонија“, а на наредниот да прославиме со уште повеќе и уште побројни извојувани битки како еднакви и рамноправни граѓани на нашата земја.