06/06/2016
Со ваков наслов беше организирана дводневната конференција на Европскиот центар за социјални работи и заштита на потрошувачите од Виена, Австрија и општина Кривогаштани. Како поканет субјект, „Мобилност Македонија“ беше претставувана од „Мобилност Битола“ со четири члена: претседателот прим. д-р Нико Јанков и членовите на УО - Фанче Геогиевска, Сотир Јоновски и Живко Петровски.
Се работеше во две сесии, на 6 и 7 јуни, во просториите на општина Кривогаштани. Настанот го отворија аташето при министерството за труд на Австрија, г. Хералд Фугер и градоначалникот на Кривогаштани, г. Тони Заткоски, а модератор и излагач на материјата беше извршниот директор на Европскиот центар за социјални работи и заштита на потрошувачите, г. Каи Лајксенринг.
Основната тема е здравствената и социјалната заштита во руралните средини со осврт на стратегијата на Р. Македонија за развој до 2020 година, сите предизвици со кои ќе се соочуваат корисниците, вклучувајќи ги и лицата со инвалидност, можностите за координирана акција на државните, локалните (комерцијални и непрофитни даватели на услуги) професионалци и граѓани со цел услугите да се добијат во вистинско време и вистинско место (превентивен пристап). Во богатата дискусија, нашите членови имаа можност да ги изложат напорите на „Мобилност Македонија“ при откривање, зачленување и активирање на членови од руралните средини и отворање на истурени канцеларии во руралните подрачја. За нашето учество добивме и сертификати.
Сè на сè, една добро осмислена и организирана активност. Нашите надежи се дека во соработка со институциите на државно и локално ниво, при добивање на реални податоци и со добра желба, многу нешта што се недостапни да станат пријатна реалност. Продолжуваме понатаму!