27/09/2016
На 26 и 27 септември 2016 година, се остварија контакти со најреномираните организации за поддршка на лицата со инвалидност од Израел, „Шекел“ и „Машав“. Прво во рамките на донаторската конференција во универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“, се оствари средба со претставниците на овие две организации – г-ѓа Сузен Гај, директорка на Центарот за соработка и развој „Машав“, г-дин Амир Гоичман, проект менаџер на „Машав“ и Мики Арнон, директор и едукатор во „Шекел“, како и амбасадорот на Израел во Македонија, неговата екселенција г-дин Дан Ориан. Израелската делегација во својот состав имаше и деца и младинци со инвалидност, кои се дел од специфичниот систем што се практикува во Израел – грижа од заедницата за целосна интеграција на лицата со инвалидност во севкупното живеење.
На конференцијата беше претставена книгата „Кога тато ќе порасне“, чиј автор е токму амбасадорот Ориан и која е вистински бум за лицата со инвалидност, а во соработка со универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“, сите собрани средства од продажбата ќе бидат наменети за совладување на архитектонските бариери, односно изградба на пристапна рампа во специјалното училиште „Ѓорги Сугарев“.
Земајќи збор, претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков ги изнесе долгогодишните напори на „Мобилност Македонија“ и НСИОМ за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност и спроведување на инклузија, чекор по чекор, по што се договори средба за активна соработка со организацијата „Машав“, која долги години своите искуства ги пренесува во земјите од поранешниот Советски Сојуз.
Состанокот со г-ѓа Гај и г-дин Гоичман се одржа следниот ден, на 27 септември, во Клиничката болница во Битола, а покрај претседателот на „Мобилност Битола“, како преведувач и лице за контакт учествуваше и Ивона Јанкова. И двете страни ги изложија своите досегашни активности, беа презентирани промотивни материјали (летоци, плакати) од нашите работилници, манифестации и меѓународни проекти со поддршка од USAID, UNDP, EU, како и повеќе броеви од нашето гласило „Мобилност“.
На состанокот добивме уверување дека после добивањето на сите информации од базата на ПАДОР, на следните состаноци во Владата и надлежните министерства кои ќе се одржат на 28 и 29 септември, ќе се договорат конкретни активности за проекти. На крајот добиена е покана за посета на Израел и центрите за обука на лица со инвалидност и тренери за поддршка. Поканата е прифатена со задоволство, а активностите со нивна асистенција ќе започнат наскоро. Одиме понатаму!