13/06/2021
Во рамките на 33 Републички спортски игри на лицата со телесен инвалидитет на С. Македонија, на 13 јуни 2021 година на стрелиштето „Беј Бунар“ во Охрид се одржа државното првенство во стрелаштво за спортисти со инвалидноста на Република Северна Македонија. На натпреварот во организација на Параолимпискиот Комитет на Северна Македонија учествуваа 12 спортисти со телесен инвалидитет и 7 спортисти со оштетен слух, кои се натпреваруваа во своите категории во дисциплините пушка и пиштол – микс. Меѓу учесниците беа и нашите членови Оливера Наковска-Бикова, Мендо Дивјаковски, Никола Станоевски и Никола Ѓуровски, кои постигнаа одлични резултати. Имено, Оливера триумфираше во категоријата воздушен пиштол микс (мажи и жени), Дивјаковски и Становески ги освоија 5. и 7. место во воздушна пушка СХ1, а Ѓуровски и без конкуреција постигна огромен успех во категоријата воздушна пушка СХ2. Победата на државното првенство за Оливера е одлично загревање за претстојните Параолимписки игри што ќе се одржуваат од 25 август до 6 септември во Токио, па се надеваме дека и оваа година ќе се закити со уште еден златен медал. Судии на натпреварот беа Валентина Гоџовска (пушка), Бранимир Јовановски (пиштол) и Драган Дојчиноски, а натпреварот помина во фер и спортска атмосфера. Средства за одржување на овој натпревар беа обезбедени од Министерството за труд и социјална политика и од Агенцијата за млади и спорт.