03/11/2022

„Мобилност Битола“ на јавна дискусија на тема „Урбана мобилност“

На 3 ноември 2022 година во хотел „Милениум“ се одржа јавна дискусија на тема „Урбана мобилност – можности, практики и одржливи проекти“, во организација на МКЦ и Општина Битола и во рамките на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог во заедницата“ поддржан од Меѓународниот институт Олоф Палеме од Шведска, како дел од програмата на општина Битола за прослава на 4-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Битола. Како претставник на „Мобилност Битола“ и член на ЛЕСС – Битола учествуваше претседателот прим. д-р Нико Јанков. Воведното обраќање го имаше заменикот-претседавач на ЛЕСС – Борче Димитровски, кој се осврна на имплементацијата на проекти и одржливи решенија во областа на урбаната мобилност во Битола, а по него говореа проф. д-р Никола Крстаноски од Техничкиот факултет („Битола – како до одржлива мобилност?“), дипл. инж. арх. Благојче Цветковски и дипл. сообраќаен инженер Томе Кукановски од ЈП за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг, а искуства споделија и дипл. инж. арх. Снежана Домазетовска од одделението за урбанистичко планирање од Општина Центар (Скопје) и Душан Петриќ од Општина Стари Град, Белград (Србија). Модератор на дискусијата беше Стево Башуровски.

Со оглед на краткото време за излагање, најдетално зборуваше проф. Крстаноски од Техничкиот факултет, кој се осврна на сите елементи од сообраќајот и беше единствениот кој (барем накратко) ги спомна архитектонските бариери и важноста за нивно отстранување. Во текот на дискусијата што следеше, на таа тема подетално зборуваше претседателот на „Мобилност Битола“, цитирајќи извадоци од експертските студии изработени во рамките на нашиот проект „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“.

Имено, бидејќи мобилноста на лицата со инвалидност речиси и ќе ја немаше на дневен ред, д-р Јанков започна прво со уставното право на сите граѓани за слободно движење низ целата земја, а потоа и на Националната стратегија за изедначување на правата на лицата со инвалидност 2010-2018, каде што е наведено дека „мобилноста и пристапноста се основни предуслови за спроведување на сите активности во секојдневното живеење на лицата со инвалидност“. Во периодот на Стратегијата, една од најважните задачи требаше да биде промовирањето на „Универзалниот дизајн“, а како носители на мерки во оваа насока требаше да бидат соодветните министерства (за транспорт и врски, за образование и наука и за информатичко општество) ВО СОРАБОТКА СО ЕДИНИЦИ НА ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА. Меѓу мерките што требаше да се преземат се и воспоставување на опкружување пристапно за лица со инвалидност со примена на начелата на универзалниот дизајн, овозможување пристапност на превоз, примена на современи технологии и сл.

Во заклучните согледувања на иницијалниот извештај на Република С. Македонија од страна на Комитетот за правата на лицата со попреченост на ООН од 2018 година, во однос на Пристапноста, чл. 9 од Конвенцијата на ООН, Комитетот забележал дека нашата легислатива обезбедува систематизиран и сеопфатен приод до правото на физички пристап, но изрази загриженост, меѓу другото, дека НЕМА СПЕЦИФИЧНИ И ЕФЕКТИВНИ МЕРКИ И САНКЦИИ ЗА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ЛЕГИСЛАТИВАТА и дека нивото на соработка меѓу владините институции и организациите на лица со попреченост во однос на имплементацијата и евалуацијата на стандардите за пристапност е минимална. Во препораките за остварување на Целите за одржлив развој на ООН, од Агендата 2030, Комитетот препорачува, меѓу другото, Република С. Македонија да ја разгледа својата легислатива со цел ДА ОБЕЗБЕДИ ЗАДОЛЖИТЕЛНА ПРИМЕНА НА СТАНДАРДИТЕ ЗА ПРИСТАПНОСТ во сите области.

Д-р Јанков ги спомна и Целите и начелата на Законот за урбанистичко планирање, меѓу кои е и надминувањето на урбаните бариери на лицата со инвалидност. Во тој контекст го прочита извадокот од теренската студија од нашиот проект, изработена од д-р Ирена Ружин, која правеше анализа на пристапноста во туристичките објекти ширум Пелагонискиот регион. Таа направи општа проценка на улиците, троторарите, парковите и забележа дека: „направена е минимална интервенција во однос на пристапноста, односно може да се констатира дека состојбата не е добра. Семафорите немаат звучна сигнализација, постојат голем број на необележани пречки во движењето. Автобуските станици се делумно пристапни како и железничката станица во Битола која има рампа, но пристапот до пероните е отежнат.“ Како заклучок на своето излагање, претседателот на „Мобилност Битола“ нагласи дека колку и да се пристапни поединечни објекти/институции/локации, ПРЕДУСЛОВ за да се стигне до нив е пристапна инфраструктура со универзален дизајн, бидејќи „Луѓето не се со попреченост, градовите се“.

Во дискусијата учествуваа и Виктор Илиев од „Битола на точак“, кој ја нагласи потребата од велосипедски патеки, како одлична алтернатива за градски превоз, со што би се намалило и загадувањето (што исто така беше тема на дискусија), а потоа се вклучи и проф. д-р Васка Атанасова, дипломиран сообраќаен инженер и редовен професор на Техничкиот факултет во Битола.

Непреченото движење низ градот е проблем што ги засега сите, а уште повеќе лицата со телесна инвалидност, но и оние со намалена или отежната подвижност (привремена или трајна), стари лица, родители со колички, деца... Се надеваме дека нашите забелешки и насоки ќе бидат искористени при подготвувањето на проекти и планови за урбанистичко планирање, особено во деталниот урбанистички план на Битола. Ние остануваме на располагање за секакви консултации. Активностите продолжуваат.