25/11/2022

„Мобилност Битола“ на мултисензорна изложба „Музеј за сите“

На 25 ноември 2022, во малата сала на НУ Завод и музеј – Битола, се одржа мултисензорната изложба насловена „Музеј за сите“, под мотото „Сликите можат да се допрат, сликите зборуваат“, на која беа презентирани 16 предмети од постојаната поставка на битолскиот музеј од секој период на д-р Ирена Ружин и м-р Јове Парговски. На изложбата присуствуваа голем број посетители, меѓу кои и Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, децата од Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух и говор „Кочо Рацин“ – Битола. како и претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков и менаџерката на проектот „Алтер трип“, Ивона Јанкова. Авторите на изложбата се ангажирани како експерти и во нашиот проект. Д-р Ружин ја изработи теренската студија за актуелната состојба со пристапноста во туристичките објекти и локалитети во Пелагонискиот регион, а м-р Парговски работи на туристичката сигналитика што ќе биде поставена пред 10 позначајни културно-историски споменици во Битола, чија промоција е закажана за 2 декември во Офицерски дом. Претставниците на „Мобилност Битола“ ја искористија пригодата да поразговараат за идни соработки за зголемување на пристапноста до културното наследство, но и ширум целиот град. Активностите продолжуваат.