06/10/2024
На 6 октомври 2024 година, под мотото „Се движам, значи постојам“, Мобилност Битола го одржа традиционалното Дефиле на Широк Сокак. Во убаво време, сончево и топло, педесетина членови и гости од Куманово, Штип и Кочани, во 10 часот се собраа на плоштадот „Магнолија“, каде што непосредно пред самото дефиле беа дадени изјави за националните и локалните медиуми. Годинашното мото на Дефилето е инспирирано од познатата изрека на Рене Декарт од 1673 година „Cogito ergo sum“ (Мислам значи постојам), кое за нас гласи „Се движам, значи постојам“, со чекори во ритамот на пишаниот збор се премостуваат/исчезнуваат бариерите и непристапноста. Зборовите летаат на крилјата на пишаниот збор и стигнуваат насекаде. За нив нема бариера, нема непристапност. Заложбите овој пат беа преточени во поетски чекори на пишаниот збор. Тоа беше вовед во вториот дел од настанот – поетско читање - кој се одржа во просториите на ресторанот „Корзо“. Овде учесниците од поетскиот конкурс на Мобилност Битола и ЛК „Изгрев“ – Демир Хисар премиерно ги изведоа своите творби, а критиката ја дадоа членовите на ЛК „Изгрев“ и водители на настанот – Кире Огненовски и Билјана Тодоровска. Поздравени со силен аплауз, наградените автори Зоран Котевски, Василчо Илиев и Миладин Угреновиќ се закитија со симболични награди – пакет книги, кои им ги врачи претседателот прим. д-р Нико Јанков. По завршувањето на поетскиот дел, пристуните ја продолжија дружбата во пријатна атмосфера која траеше до попладневните часови. Како за сите тематски настани и активности на Мобилност Битола, така и овој пат беше изработен плакат и леток, отсликувајќи го годинашното мото, дело на нашиот долгогодишен соработник Горан Талевски. Активностите продолжуваат.