20/10/2024

Излет и тематска средба во Крушево

На 20 октомври 2024 година, „Мобилност Битола“ го организираше традиционалниот излет, сега збогатен и со тематска средба насловена „Се прифаќам таков каков што сум“, со сите свои телесни недостатоци. Во планирањето на активностите ја прифативме желбата на нашиот активен член, Неговото високо првосвештенство, Митрополитот Крушевско-демирхисарски г. Јован, да зборува на оваа тема. Оваа провокативна тема беше избрана бидејќи оваа тематика досега не е обработувана, ниту пак перспективата на лицата со телесна инвалидност. Со адаптиран и пристапен автобус на нашите пријатели од „МИГ Травел“, околу триесетина членови на „Мобилност Битола“ пристигнаа кај манастирскиот комплекс „Св. Преображение“, кој се наоѓа на 10-тина километри од Крушево, на повеќе од 1.700 метри надморска висина, каде што им се придружија и пријателите од „Мобилност Штип“, „Мобилност Кочани“ и „Мобилност Куманово“. Веднаш по пристигнувањето, присутните им се придружија на членовите на семејството на Тоше на парастосот по повод 17 години од неговото прерано заминување во 2007 година. Потоа, главниот настан – тематската средба - се одвиваше во адаптираниот конак, каде што експресно беа подготвени пристапни рампи на влезот и до тоалетот. Отворајќи ја средбата, претседателот на „Мобилност Битола“ прим. д-р Нико Јанков на Митрополитот г. Јован му врачи скромни подароци – две лиценцирани копии на ранохристијански икони од Виничко Кале, благодарение на нашите пријатели од „Мобилност Кочани“. Потоа следеше воведното излагање на Митрополитот г. Јован на темата „Се прифаќам таков себеси со сите телесни недостатоци“. Излагањето беше колаж од научни, ненаучни и теолошки размислувања за инвалидноста/попреченоста и неговата димензија во просторот и времето. Имаше и дискусија од неколку членови од нашите здруженија со лични размислувања и перспективи. По завршувањето на средбата, сите присутни беа поканети на ручек, како гости на Митрополитот г. Јован, кој поединечно се поздрави и ги испрати сите со по еден подарок – приврзок крст и хартиена копија од икона. На самиот крај следеше и групно фотографирање пред црквата, а потоа и кратка прошетка кај Гумење, каде што членовите прошетаа до Крушевското езеро и Македониумот, а го посетија и гробот на Тоше и неговиот татко, кој почина во мај годинава. Сѐ на сѐ, овој настан помина во пријатна атмосфера од почеток до крај, а присутните си заминаа дома со позитивни впечатоци и збогатени со нови искуства и сознанија. Активностите продолжуваат.