08/12/2024

Работилница за мултипла склероза на „Мобилност Битола“

На 8 декември 2024 година, во ресторанот „Корзо“ во Битола, со почеток во 11 часот „Мобилност Битола“ успешно ја организираше и изведе тематската работилница насловена „Мултипла склероза: Фикција или реалност“, со поддршка од „Мобилност Македонија“. Покрај претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков, како промотор и модератор, учествуваа и д-р Ирена Стефановска, специјалист невролог од битолската Клиничка болница и проф. д-р Сашо Кочанковски, психолог и гешталт-терапевт. Пред почетокот на работилницата и воведот, беа дадени интервјуа за националлни медиуми (МРТВ, Телма, МИА итн.) од претседателот на „Мобилност Битола“ и од претседателот на „Мобилност Македонија“, Бранимир Јовановски, како и нашата членка со МС - Билјана Тодоровска. Од присутните гости се издвојува и поранешниот претседател на МНД – Битола, проф. д-р Борис Ангелков, како и гостите од неколку здруженија на „Мобилност Македонија“ (Куманово, Скопје, Штип, Кочани, Струмица и Прилеп). После воведот на претседателот Јанков, излагање имаше д-р Ирена, која многу речито, прегледно и едукативно ја прикажа проблематиката, со акцент на важните поенти, разбирливи за аудиториумот. Самото излагање содржеше повеќе новитети во лекувањето кои ги немаше во изминатите 11 години, вклучувајќи ги новите достапни лекови и дијагностички постапки. Проф. д-р Кочановски се претстави во неговиот препознатлив стил, добро познат на сите нас во последните 26 години. Овој пат, за улогата на гешталт-терапијата кај лицата со МС. Излагањата постигнаа полн погодок кај присутните и поради оптималната временска рамка, квалитетот на излагањата и разбирливоста на термини, особено во текот на дискусијата што следеше. Тука се вклучија повеќе членови на „Мобилност Македонија“, со или без МС. По богатата дискусија се искристализираа веќе понудените заклучоци, со напомена дека потребно е: - збогатување на дијагностички неинвазивни постапки, - збогатување на палетата на лекови со поголемо учество на новите генерации на лекови, - создавање на регистар и евентуално на фонд, - зголемување по потреба на физикална и балнео-терапија на 2 пати годишно, - себеприфаќање, како основен предуслов за откривање, регистрирање и активирање на лицата со МС, - имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, - развојни планови од институциите на државно и на локално ниво, - помош и разбирање од институциите на системот на државно и на локално ниво. На мислење сме дека пратена е силна порака, прво на членовите на „Мобилност Македонија“, средината и институциите на системот. Времето ќе покаже колку оваа порака ќе стигне таму каде е пратена, какви ќе бидат реакциите и со какви активности или неактивности ќе се покажат во иднина. По завршувањето на програмата, присутните продолжија да се дружат на заеднички ручек. Посебна благодарност до медиумите, националниот сервис МРТВ и МИА. Активностите продолжуваат.