29/02/2024
Проектот „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“ (Алтер трип), кој „Мобилност Битола“ го имплементираше во периодот од 2021 до 2023 година, продолжува да го привлекува вниманието на медиумите, а особено на националниот сервис МРТВ, чија утринска програма „Македонија наутро“ редовно ја информира јавноста за нашите активности. По завршувањето на проектот лани, во изминативе неколку месеци веќе можеме да ги видиме и првите резултати од неговата имплементација. Токму на тема достапноста на спомениците за лицата со попречености, во утринската емисија на 29 февруари 2024 битолскиот дописник на МРТВ Стевче Митревски зборуваше со Ивона Јанкова, менаџерката на проектот „Алтер трип“ на „Мобилност Битола“. Во кусиот разговор, менаџерката ги откри најновите информации добиени од користењето на ИКТ алатките за пристапен туризам во Битола, изработени во рамките на проектот, како и за идните размислувања и планови во која насока треба да се движиме. Имено, според податоците на експертите од ГАУС Институтот кои ги иразботија тактилните табли и дигиталната самоводечка тура (со аудио и видео нарација на знаковен јазик), бројот на корисници постојано е во пораст, а интересно е тоа што голем интерес има и од локалното население и домашните туристи, кои на овој начин ќе си го збогатат знаењето за сопствената историја. Од меѓународните туристи, пак, сосема очекуван е фактот дека ќе доминираат гостите од Турција, што веќе ни дава насока дека алатките треба да се збогатат и дополнат барем со уште неколку јазици, покрај македонскиот и англискиот. Во таа насока може да продолжи и печатениот туристички водич за Битола со Брајово писмо, кој во рамките на проектот беше изработен на 3 јазици – македонски, англиски и грчки јазик. Најважниот аспект од овој проект, според Јанкова, е Прирачникот за пристапен туризам кој може бесплатно да се преземе од веб-страната на „Мобилност Битола“, и каде што на едноставен, концизен и илустриран начин се прикажани главните елементи на пристапноста. „Најмалку што можеме сите ние да направиме е да се информираме што подразбира пристапноста, за да можеме правилно и веродостојно да ги рекламираме нашите производи и услуги, бидејќи она што најмногу недостасува речиси во целиот регион се информациите кои им се потребни на лицата со попречености за да знаат каде можат да се движат и кои места можат воопшто да ги посетат“, нагласи таа. Бидејќи јавувањето беше во живо, кусото време не дозволи да се спомне уште еден доста значаен пример за подобрување на пристапноста на културното наследство во регионот, а тоа е Спомен куќата на Тоше Проески во Крушево. Оценет како најпристапна културна институција во Пелагонискиот регион, особено во поглед на физичката пристапност, музејот за нашата музичка легенда на 16 октомври минатата година ја претстави и новата тактилна поставка наменета за лица со оштетен вид. Составена од 10 предмети со опис на Брајово писмо и аудио нарација, поставката постојано е на располагање на посетителите, а по еден предмет периодов оди и на турнеја низ земјава со цел да им го доближи богатото наследство на Тоше на што поголема публика. Разговорот можете да го видите на веб-страната на МРТВ на следниов линк: https://play.mrt.com.mk/play/570787