12/09/2024
На 12 септември 2024 година, на платото пред киното „Манаки“ на Широк Сокак беше претставен новоформираниот ко-спејс, или по наше – споделен простор за соработка, на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, кој годинава беше домаќин на исклучително редок настан – деветтиот „Форум на ректори на Југоисточна Европа и Западен Балкан“. Алијансата КОЛОРС овозможува на нов начин да се дизајнираат академските програми, студиски програми, практиканство, истражувања, да се редефинира начинот на кој функционира академијата. Соработката во КОЛОРС подразбира редефинирање на Академијата со други принципи, рече професорката Рената Петровска-Нечковска, којашто е задолжена за имплементација на програмата и активностите од Алијансата КОЛОРС на УКЛО. Мобилната единица ќе ја има во сите други градови кадешто се наоѓаат факултетите и универзитетските единици. Покрај претставувањето на овој простор на КОЛОРС, во рамките на тридневниот Ректорски форум УКЛО организираше повеќе настани, меѓу кои и посета на Институтот за тутун во Прилеп, кој годинава одбележува 100 години постоење и Музејот на тутун кој е втор најголем во светот, како и мултимедијалната театарска претстава по повод 45 години од формално-правното постоење како Универзитет на факултетски единици и институти и 90 години од формирањето на првото студентско здружение во Македонија. Ректорот на УКЛО и долгогодишен пријател на „Мобилност Битола“, проф. д-р Игор Неделковски, горд на успешната реализација на сите активности во рамките на Ректорскиот форум, изјави дека вредеа сите ангажмани и напори и посветеноста на сите вклучени кои учествуваа на настаните. Особено важно е што Универзитетот и Битола се претставија во најдобро можно светло пред повеќе од 50 ректори кои учествуваа на Форумот. „Мобилност Битола“ е дел од проектот КОЛОРС од речиси самиот почеток, со учество на работилницата „Од вмрежување до партнерство“, што се одржа во јуни годинава и за кој нашите претставници (претседателот и проектниот менаџер на „Алтер трип“) добија сертификати. Се надеваме дека во наредниот период ќе имаме уште повеќе можности за заеднички активности и соработки под европската капа на КОЛОРС. Активностите продолжуваат.