14/04/2026

„Мобилност Битола“ во Советот за социјална заштита на Општина Битола

На 14 април 2026 година, Општинскиот совет за социјална заштита на Општина Битола ја одржа својата конститутивна седница, започнувајќи ја работата на третиот состав на Советот, во насока на зајакнување на локалниот систем на социјална поддршка. „Мобилност Битола“ за своја претставничка ја делегираше нашата членка Биљана Тодоровска, а на седницата за секретар беше избрана Симона Јовеска, советничка за социјални услуги за ранливи групи во Општина Битола, која исто така е членка на „Мобилност Битола“. За претседавач беше избрана советничката во Советот на Општина Битола Марина Крстиќ, а за заменик претседавач советничката во Советот на Општина Битола Софија Ристевска-Петрушева. Во фокусот на дискусијата беше улогата на Советот како координативно тело кое ги обединува институциите, граѓанските организации и локалната самоуправа во креирање на ефективни решенија за ранливите категории граѓани. Се дискутираше и за актуелните состојби на локално ниво, а истакната беше неопходноста од развој на нови и иновативни социјални услуги, како и подобро искористување на постојните ресурси, преку меѓусекторска соработка и партнерства. Советот ќе се фокусира на конкретни мерки насочени, меѓу другото, кон подобрување на положбата на лицата со попреченост, со посебен акцент на пристапност, инклузија и рана поддршка, а ќе делува како платформа за дијалог, координација и иницирање на решенија, со цел градење на поотпорен и инклузивен локален систем. Им посакуваме успешна и плодотворна работа на сите членови на Советот за социјална заштита на Општина Битола, и веруваме дека придонесот на нашата делегатка Биљана ќе биде исто толку успешен и плодотворен, во насока на подобрување на условите за остварување и нашите статутарни и програмски цели.