26/11/2017

Работилница за персоналната асистенција во Битола

Следејќи ги програмските цели, „Мобилност Битола“ организира и изведува тематски средби кои се од големо значење за општото живеење на лицата со телесна инвалидност. Овој пат, после завршувањето на проектот од Европската унија и министерството за труд и социјална политика за социјалната инклузија на лицата со инвалидност и пилот-програмата за персонална асистенција, се организираше средба токму на оваа тема. Сознанијата се мали, искуствата уште помали, но желбите се големи.
Во присуство на градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска, претседателот на Македонското научно друштво – Битола, доц. д-р Маријан Танушевски, претседателот на НКТ и „Мобилност Македонија“, Бранимир Јовановски, како и претставници на повеќе здруженија на „Мобилност“, беше разгледана оваа проблематика. После поздравните говори имаше презентација за текот и резултатот од првичните сознанија за персоналната асистенција како потреба и неопходност. Хронолошки беше изнесено генералното мислење на корисниците, давателите на услуги, односно асистентите, пилотите и провајдерите со размислувања што понатаму.
Имено, во Република Македонија не постои прецизна регулатива за овој тип на право ниту насоки кој, како и колку ќе ја практикува, кој ќе врши мониторинг, каков статус ќе има и сл. Сите размислувања беа добредојдени и со надеж дека процесот започна со сублимирање на заклучоци кои ќе бидат дел од идниот закон за социјална заштита, каде што со координираност (меѓу секторите и меѓу министерствата) ќе се постигнат оптимални услови за заживување на овие, но и на многу други права содржани во Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност.
Во своето обраќање, градоначалничката на Битола се заложи да бидат искористени сите можности (законски) кои им стојат на располагање и за што поконкретна соработка и остварување на целите и перспективите. По наше, а се надевам и ваше мислење, средбата имаше продуктивен карактер и отвори нови насоки на делување и соработка. Процесот е започнат, максимално да ја поддржиме реализацијата како основа за иднината.