17/10/2014

Конференција за социјална и образовна инклузија на лицата со инвалидност

  На 17.10.2014 година, во организација на Македонското научно друштво (МНД) беше одржана и успешно изведена Меѓународна конференција за социјална и образовна инклузија и кохезија - теорија практика и перспективи. Претседателот на МНД, нашиот проверен пријател и партнер, проф. д-р Игор Неделковски и секретарот доц. д-р Сашо Кочанковски, кои го понесоа товарот заедно со другите членови од организациониот комитет на оваа значајна манифестација. На истата имаше учесници од Македонија, Бугарија, Србија, Швајцарија, Словенија и Грција. Се разбира дека најмногу се присутни од Битола и Скопје, факултети, училишта, специјални училишта, институти, граѓански здруженија и тн.

Составот на презентерите вклучуваше професори, доктори и магистри на науки и долгогодишни искусни практичари кои го споделија своето искуство за единствената заедничка цел - што поправилна инклузија на лицата со инвалидност, која нема да биде обременета со предрасуди и немање на искуство во креирањето на целите, а „Мобилност Битола“ активно учествуваше во работата. Акцентот беше ставен на процесот на инклузијата и различните искуства во сите држави. Во повеќе трудови се нагласуваше штетното влијание на инклузијата по секоја цена, како и неопходноста од постоењето на специјални училишта каде прoцесот на едукација мора да биде сепариран и концептуализиран практично за секоја индивидуа. Исто така, стана збор и за постоење на институции за сместување и за забавување, односно преразгледување на принципот деинституализација по секоја цена и веднаш. Презентирани се официјални податоци на тешки последици од слепото спроведување на принципот (Италија).

Посебен интерес за нас предизвика трудот на доц. д-р Сашо Кочанковски, кој зборуваше за компаративната анализа во инклузијата во основните и средните училишта во Битола. Загрижувачки факт е што само 17% од децата со пречки (читај некаква инвалидност) се распоредени, односно категоризирани. Другиот фрапантен податок е дека телесните инвалиди во основно образование се застапени со 5% наспроти менталци со 33%, глуви 2% и слепи, односно слабовидни со 5%. Предничат лица со слаб успех (учење) 40%. Наеднаш во средно образование телесните се искачуваат на 23%, а оние со слабо учење на 14%. Методологијата на испитувањето беше направена анонимно на 1995 испитаници. Овој податок ја подгреа нашата заинтересираност да направиме проект со Научното друштво и општината.

Со други зборови, на оваа конференција се создаде критична маса за заедничко делување на повеќе чинители во процесот, кои до сега и соработуваа институционално или вонинституционално, а сега со заеднички решенија и насоки, научно елаборирани и поткрепени. Се надеваме дека овој придонес ќе донесе напредок во целокупниот процес кој се спроведува.